ЗА МНК ИКОМ



ИКОМ Меѓународен совет на музеите е организација формирана во 1946 година со цел да се создаде мрежа на музеи и на музејски професионалци од земјите од целиот свет, кои се грижат за културното и за природното наследство. Во таа мрежа се вклучи и Република Македонија со формирањето на Македонскиот национален комитет на 12 мај 1993 година и тој е верификуван од Извршниот совет на ИКОМ во Париз. Од тогаш до денес, националниот комитет израсна во професионално здружение. Во овој миг, кога го одбележуваме јубилејот 20 години, сакаме да ги потенцираме досегашните залагања и настојуваме да укажеме на понатамошните насоки.

Соочен со проблеми од недостаток на ресурси на почетокот, за Македонскиот национален комитет при Меѓународниот совет на музеите – МНК-ИКОМ можеме да констатираме дека во период од 20 години постоење, од првичната иницијатива, израсна во динамично здружение што создава професионални стандарди кои придонесуваат во создавањето квалитетна музејска дејност. Тоа е видливо во сите сегменти од неговите постигнати резултати, значајни на истражувачки и на издавачки план, од соработката на регионално ниво со другите национални комитети, учеството на конференции во одделни меѓународни комитети, соработките, советувањата, семинарите, средбите, јавните расправи, организираните форуми, средбите и состаноците, издавањето билтен и списание. 

Во основа, патот од 20 години, кој и денес го следиме користејќи современи информациско-комуникациски технологи, нови знаења и вештини е ист и се темели врз нашиот императив да бидеме во чекор со постојаната прогресија на музејската дејност. Да создадеме авангарден простор во кој ќе се продуцираат нови идеи и позитивни резултати. МНК-ИКОМ и натаму е доследен на  својот позитивен пристап кон работите и со таков ентузијазам ги најавуваме. Имајќи ги предвид современите теории и практики за идните достигнувања и тежнеења, го насочуваме МНК- ИКОМ во изборот на ефикасни стратегиски решенија: дисциплинирано спроведување на сите стандарди на професијата, развој на иницијативи и учество во креирање различни проекти, пишување и објавување стручни трудови, способност на насочување на личните амбиции кон општите стратегии и интереси, тимска работа, негување партнерски однос со поединци и со институции. Идните важни задачи ќе може да се организираат и успешно да се реализираат, во еден дел, благодарение и на фактот дека околу МНК-ИКОМ се придружуваат значителен број млади и посветени музејски работници.

Посакуваме и во годините што се пред нас да продолжи она што претходниците го направиле и се залагале за него.