ЦЕЛИ И АКТИВНОСТИ



Следејќи ги основните цели на Меѓународниот совет на музеите (ИКОМ), Македонскиот национален комитет (МНК), во своето 20 годишно постоење ги потврди своето значење и работа. Во овој период на постоење, организирањето и координацијата на активностите на МНК-ИКОМ се насочени кон застапување на популаризацијата и на примената на стандардите на Меѓународниот совет, принципите, проектите и активностите во Република Македонија, на популаризацијата на идеите и на активностите на Меѓународните комитети, со цел да се овозможи повеќе членови да се вклучат во работата на стручните комитети и на тој начин да придонесе за професионалното усовршување и за примената на идеите и принципите во музејската практика, за промовирањето и афирмирањето на свеста за значењето на културното наследство за развојот на општеството, за истражувањето на проблемите на музеите во државата и за истражувањето на можностите за нивно надминување и развој на музеологијата.


Одбележување на Меѓународниот ден на музеите - 18 Мај
Меѓународниот ден на музеите, 18 Мај, се одбележува од 1977 година по препорака на Меѓународниот совет ИКОМ. На овој ден се настојува да и се презентираат на јавноста достигнувањата и да се афирмираат музеите како установи во служба на општеството. Секоја година Меѓународниот ден на музеите се одбележува со активности во рамките на одредена тема, предложена од Советодавниот комитет на ИКОМ. Темите што се предлагаат им овозможуваат на сите музеи од светот да се насочат кон иста содржина и на тој начин пораките заеднички и посилно да се пренесат во јавноста. По повод Меѓународниот ден на музеите, МНК ИКОМ организира советувања и други придружни активности од 1994 година. Презентациите од овие советувања ни укажуваат на нашата одговорност критички да пријдеме кон сите недостатоци, проблеми во музејската дејност и да даваме иницијатива за нивно решавање.
 

МНК-ИКОМ - соработка на регионално ниво со другите Национални комитети
Меморандум за соработка меѓу Националните комитети на ИКОМ, ИКОМОС и СИН ШТИТ. Во заедничката програма се организирани повеќе форуми на актуелни теми. За состојбите и за заштитата на културното и на природното наследство во музеите во Р. Македонија, за откупната политика на музеите и друго.


МНК-ИКОМ - билатерални соработки
Претседателствата на МНК-ИКОМ и Националниот комитет на Босна и Херцеговина (БНК-ИКОМ) склучија Договор за соработка. Потпишан е Договор за соработка меѓу Националните комитети на ИКОМ на Република Македонија и на Црна Гора.


МНК-ИКОМ - соработка на регионално ниво со другите Национални комитети на ИКОМ
Како Македонски национален комитет, со ангажман на своите членови, учествува во бројни активности на ICOM SEE (Југоисточна Европа) и ICOM EUROPE. Особено се истакнува активната улога што ја има во ICOM SEE, алијанса во која се поврзуваат музеите, професионалците во регионот и ја менуваат состојбата во заштитата на наследството со заедничка стратегија и активности.


МНК-ИКОМ – Доделување награди «18 Мај - Меѓународен ден на музеите»
МНК-ИКОМ со цел да ја поттикне, да ја популаризира и да ја афирмира музејската дејност во Република Македонија, од 2009 година објавува конкурси за доделување Годишната награда 18 Мај – Меѓународен ден на музеите за особени достигнувања во музејската дејност. Доделувањето на наградите е поттик за музеите и за музејските работници за понатамошната работа и ангажирање, со цел постигнување на највисоките стандарди на квалитет во музејската дејност.


МНК-ИКОМ – издавачка дејност
Од своето формирање пред 20 години, МНК-ИКОМ исполнувајќи ги своите основни активности, во тие почетни години почна и со објавување информации за тие активности во Билтен што се печатеше еднаш годишно. Во 1996 година, Комитетот почна да објавува периодична публикација Museologica Macedonica. Публикации што беа печатени по одржаните редовни годишни музејски советувања на одредени, пред се, актуелни теми во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на музеите 18 Мај. Кодексот на етика за музеите на ИКОМ на големо задоволство е испечатен на македонски јазик од МНК-ИКОМ. Публикација во која таксативно се обработени сите правила и проблеми во музејската професија и во која се пропишани минималните стандарди за професионалната практика за музеите и за нивните вработени Со вклучувањето во здружението МНК-ИКОМ секој член се обврзува да ги подржува и да ги почитува правилата од Кодексот. Издавањето на Прирачникот за постапки во итни ситуации – насоки за конзерваторските и за музејските установи е најново издание од програмските активности на МНК-ИКОМ.


Денес МНК-ИКОМ има 118 индивидуални членови.


Финансиска поддршка
Редовните и програмските активности на МНК-ИКОМ финансиски ги поддржува Министерството за култура на Република Македонија. Сепак, и покрај сите реализирани задачи со кои можеме да се пофалиме на овој значаен јубилеј, пред нас претстојат уште многу предизвици.